Линкови за пристапност

Светската здравствена организација повикува на подготовка за нов бран на свински грип


Светската здравствена организација ги предупреди владите да се подготват за можен нов бран на вирусот Ха-1-Ен-1 на свинскиот грип во наредните месеци.

Директорката на СЗО, Маргарет Чан, на симпозиум во Пекинг истакна дека многу земји неколку месеци по ред можно е да забележат експлозија на бројот на случаи на заразени од вирусот.

Директорот на агенцијата за Западен Пацифик, Шин Јанг-со, рече дека во повеќето од земјите можно е удвојување на случаите на заразени лица на секои три до четири дена и тоа неколку месеци по ред додека не дојде до кулминација на пренесувањето на вирусот.

ОН предупредуваат дека поголемиот дел од земјите во развој со слаб здравствен систем се особено подложни на брзо ширење на свинскиот грип.

Експертот за грип при Светската здравствена организација, Кеиџи Фукуда, истака дека најголем предизвик на агенцијата е да обезбеди сите земји да имаат пристап до вакцините.

СЗО додава дека во моментов постојат 180 илјади потврдени случаи на заболени од свински грип во светот, со речиси 1.800 смртни случаи.

XS
SM
MD
LG