Линкови за пристапност

Швајцарска банка на САД ќе им достави информации за тајни сметки


Од нацисти до модерни криминалци, тајноста на легендарната швајцарска банка долго време е експлоатирана од оние кои поседувале тајни сметки. Со децении, швајцарските банки имаа политика да не поставуваат прашања кога станува збор за депозити, како и политика на несоработување во случаи на истрага против нивни клиенти.

Оваа пракса сега се менува, а последниот доказ за тоа е согласноста на швајцарскиот банкарски гигант ЈуБиЕс, на американската влада да и` ги предаде деталите за преку 4.000 банкарски сметки.

Комесарот на американската даночна служба, Даг Шулман го пофали договорот:

„Ова е огромна победа за американската влада. Се работи за договор без преседан“, рече Шулман.

Се верува дека на тие сметки е депонирани непријавен имот вреден околу 18 милијарди долари, кој досега бил криен од американската служба за даноци.

Шулман ги пофали и реформите во швајцарскиот банкарски систем:

„Се` досега, американските власти немаа пристап до ниту една земја која има закони за поседување на тајни банкарски сметки. Мошне сме задоволни и ова е дел од нашите напори да ја прекинеме праксата на даночно затајување во странство. Во наредните неколку години, од нас може да се очекуваат дополнителни активности во однос на истрага за поединци и институции“, истакна Шулман.

Швајцарската банкарска асоцијација издаде соопштение во знак на поддршка на договорот меѓу ЈуБиЕс и САД. Со договорот се поништува судскиот случај против банката, кој би им нанел огромна штета на меѓународните операции на ЈуБиЕс и на швајцарската економија, која во голем дел се потпира на работата на банкарскиот сектор.

Според договорот, клиентите на ЈуБиЕс кои се цел на истрага од страна на американските власти, ќе бидат известени пред какво било објавување на информации за нивните банкарски сметки.

XS
SM
MD
LG