Џенерал моторс месецов ја разбранува јавноста кога соопшти дека новиот електричен автомобил Шеви волт ќе може да мине преку 97 километри за еден литар гориво. Директорот Фриц Хендерсон верува дека новата генерација хибридни автомобили се шанса оваа позната компанија, што неодамна банкротираше, повторно да започне да остварува профит. Шеви волт во моментов е во производна фаза и се очекува да биде достапен за купувачите во 2010-та година.
„За Џенерал моторс е мошне важно овој проект да успее, бидејќи компанијата со ова возило стави во залог голем дел од репутацијата“, вели Ребека Линдленд, аналитичар на автомобилската индустрија.
Но, Џенерал моторс нема да биде сам на пазарот. Нисан најави дека наредната година ќе го пушти во продажба возилото Лиф што целосно ќе работи на електрично напојување, а Хонда треба да се појави со хибридниот автомобил Инсајт. Иако не можат да се натпреваруваат со економичноста во потрошувачката на гориво на Волт, цената на овие возила - за 10 до 15 илјади долари помала од онаа на Волт - можеби ќе ги премисли купувачите.
Џенерал моторс има и домашна конкуренција. Кода е нова компанија со седиште во Колорадо. Таа промовира нов автомобил што може да одржи брзина од 130 километри на час преку 160 километри, без да користи бензин. Кода доби 45 милиони долари од владините средства за стимулирање на економијата, наменети за поттикнување на нејзиниот производствени процес.
Гувернерот на Колорадо Бил Ритер беше меѓу првите кои го тестираа протипот на возилото.
„Ова е прва компанија во Колорадо на која Одделот за енергетика и позајмил загарантирани средства. Тоа значи дека тие веруваат во овој концепт“, изјави Ритер.
Претставници на компанијата се надеваат дека годинава ќе пуштат во производство 20.000 возила што ќе работат на напојување од батерија. По цена од 35.000 долари, возилото не испушта штетни гасови а батеријата се полни за само шест часа, вели гувернерот Ритер.
Иако на пазарот ќе се води конкуренција меѓу неколку економични видови на автомобили, аналитичарите додаваат дека овие таканаречени зелени возила се само дел од решението за проблемите на автомобилска индустрија.
По најлошиот пад во продажбата на автомобили во САД со децении, Џенерал моторс почна да обрнува внимание и на друг пазар, со плановите за производство на компактен автомобил што би се продавал за само 4.000 долари. Засега не е познато дали ваквите евтини автомобили би се продавале во САД.