Линкови за пристапност

Американците и натаму бараат злато во Калифорнија


Реката Сан Габриел е оддалечена на само еден час возење од Лос Анѓелес. Топењето на снегот од планинскиот регион ја прави водата доволно студена да ги држи настрана посетителите. Но, тоа не е случај, во ова време кога таму се развива нов бран на златната треска. Од првата златна треска во Калифорнија минаа многу години, но Сан Габриел, своевремено главно место за потрага по златото и натаму ги привлекува заинтересираните. Некои, сепак, тоа го прават само за забава.

Ник го донел својот син, надевајќи се дека ќе го поттикне да научи дел од историјата за ова место.

„Тој е во четврто одделение и на училиште учат за периодот на златната треска. Сакаше да трага по злато, затоа дојдовме“, вели Ник.

Има и луѓе, таканаречени викенд-воини, кои имаат други професии, а во слободно време трагаат по злато.

Ден е еден од нив. Се занимава со изработка на мебел и на реката доаѓа секоја сабота.

„Започнувате бавно, со сито, а потоа минувате на мала кутија со брана. Потоа сфаќате дека за да пронајдете повеќе злато, треба и повеќе да копате. Земате машини за таа работа“, вели Ден.

Лестер ова го прави веќе 17 години. Тој го натерал Ден да влезе во ова. Двајцата доаѓаат за забава, велат, не за пари.

„Не може да живеете од ова. Тоа е мала количина злато. Не е доволно ни за бензинот до овде“, вели Лестер.

Сепак, некои се убедени дека може да се зарабори. 39-годишниот Кевин е техничар за светло во Холивуд. Тој веќе неколку месеци е без работа.

„Ова ми е можност да заработам и да се прехраниме“, вели Кевин.

Кевин и неговиот партнер досега пресеале неколку килограми злато, откако направиле ископувања на песочни наслаги. Но ова не е лесна работа. Кевин минува 10 часа на ден во вода користејќи специјална цевка за вадење на песок и покрупни камења од речното корито. Песокот потоа се мие, а потешките камења и златото остануваат на површина.

Но, малку се оние кои вадејќи злато дошле до пензија. Берни трага по злато веќе 21 година и е познат како „Градоначалник на долината Сан Габриел“. И денес живее во приколка.

„Досега немам видено никој да живее комотно само од вадење на злато“, вели Берни.

Што, тогаш, ги привлекува овие трагачи по злато?

Ден нуди еден од одговорите: „Ја сакам реката, ова е најдоброто место. Доаѓам во пет часот наутро секоја сабота. Се искачувам на планината, го чекам изгрејсонцето. Преубаво е. Само Јас, Господ и реката“, вели тој.

XS
SM
MD
LG