Линкови за пристапност

Авганистан ги убедува гласачите во дека е безбедно да излезат на гласање


Кабул, каде изминатава недела имаше неколку самоубиствени бомбашки напади и главно безопасни ракетни напади, е под силно обезбедување.

Во средата, на Денот на независноста, три лица со самоубиствени појаси, со гранати и пушки од типот АК-47, упаднале во затворена филијала на банка, на околу еден километар од претседателската палата.

Претседателот на банката, Хајат Дајани за Гласот на Америка изјави дека напаѓачите биле „вистински терористи" кои брзо ги совладале стражарите.

Началникот на анти-криминалната полициска единица, генералот Абдул Џамил Џунбиш за новинарите изјави дека неговите сили брзо одговориле на овој инцидент. Неговата единица и специјалните сили убиле тројца од „терористите" и заплениле 30 парчиња оружје. Тој рече и дека во акцијата биле повредени неколку полицајци.

Талебан ја презеде одговорноста за нападот и вети натамошно насилство пред и за време на изборите.

Најновиот инцидент се случува само еден ден откако бомбаш самоубиец со возило нападнал воен конвој составен од странски војници, источно од Кабул. Властите соопштија дека притоа загинале осум лица, вклучувајќи и еден војник на НАТО и двајца работници на ОН, а преку 50 други лица се повредени, од кои повеќето авганистански цивили.

Вооружени напади се регистрирани ширум Авганистан и тоа врз владини претставници и други лица инволвирани во подготовките за изборите.

Главниот организатор на изборите Дауд Али Наџафи соопшти дека гласовите дадени за претседателските кандидати на сите гласачки места ќе бидат брзо пребројувани.

Прелиминарните резултати од изборите се очекуваат 48 часа по затворањето на гласачките пунктови.

Доколку премногу гласачи се исплашат и не излезат на гласањето, постои опасност да се доведе во прашање легитимноста на изборите, кои веќе се конфронтирани со наводи за купување на гласовите.

Авганистанската влада вели дека на денот на изборите планирани се четири безбедносни пунктови, а однадвор, од воздух и на копно безбедноста ќе ја гарантираат меѓународните сили, со цел да се заштитат илјадниците гласачки места во земјата.

Во Авганистан има околу 17 милиони потенцијални гласачи. Според анкетите, на врвот на листата потенцијални победници е актуелниот претседател Хамид Карзаи, но постои опасност да не ја постигне квотата од 50 проценти за да се избегне втор круг гласање против кандидатот кој ќе заврши на второто место.

XS
SM
MD
LG