Да се игра некој што навистина постои е тешко, вели Мерил
Стрип за својата улога во „ Џули и Џулија", на
промоцијата на филмот на фарма за органска храна во општината Вестчестер. Особено
што, вели таа, секој кој ја познавал имал своја идеја за неа.
Чајлд почина во 2004-та, но останува икона на
американската кујна, со пристапот кон рецептите, ентузијазмот за ефикасност и
над се, заради духот што го поседувала.
„Има многу позитивно во нејзиниот пристап кон животот,
проблемите, и кон постигнувањата", вели Стрип.
Стенли Тучи, кој го игра сопругот на Џулија, Пол, ја
опишува Џулија како личност која кон
сите се однесувала како кон пријател, без надворешна глазура што се очекува од
познати личности. „Таа станала позната на речиси 50 години, и не се променила. Останала
таква каква што била", вели тој.
Тучи за нивната љубовна приказна вели дека е една од
најинтересните и најпрекрасни љубовни врски што ги истражувал.
„Од разговорите со нивниот правнук, дознав дека обајцата
биле лудо вљубени еден во друг и мислам дека е многу добро што се сретнале во поодминати
години. Таа била во 30-тите, тој во 40-тите. Веќе биле изградени личности",
вели Тучи.
Иако ги нема во ниту една сцена заедно, Еми Адамс по втор
пат има улога која е спротивставена на онаа на Стрип. Обете беа номинирани за
Оскар за нивните улоги во „Сомнеж", во 2008-ма".
„Ја играм Џули Пауел што работи во Долен Менхетн, во
корпорација за развој, која се приближува на триесетиот роденден и размислува
што сака да прави понатаму. Заедно со сопругот доаѓаат на идеја да почне да
готви по книгата рецепти на Џулија Чајлд
и за тоа да пишува блог. Таа влегува во тој потфат што ја обзема целата", вели
Адамс.
Актерот Крис Месина го игра трпеливиот сопруг на Џули, Ерик.
Тој вели дека имало и лоша страна на следењето на рецептите на Џулија:
„Таа готви од книгата со рецепти, и создава чудовиште.
Убаво е што се гледа како расте и созрева, но истовремено се предава на Џулија
Чајлд и го остава сопругот на маргините".