Линкови за пристапност

Предизвиците на Авганистан пред изборите


Ова ќе се различни избори од оние пред пет години, на кои Хамид Карзаи победи и стана претседател. Овојпат процесот го контролираат Авганистанците и притоа ќе има многу помалку меѓународни советници и набљудувачи.

Ахмад Надер Надеру од Авганистанската комисија за човекови права, за Гласот на Америка изјави дека безбедносната ситуација нема да дозволи присуство на дополнителен број набљудувачи.

„Да се гарантира безбедноста за секој меѓународен набљудувач поединечно кој би бил присутен на необезбедени гласачки места или провинции, едноставно е невозможно. Би сакал да има дополнително присуство на меѓународните набљудувачи за да му се даде поголем кредибилитет и транспарентност на процесот".

За Авганистанците, како Надери, не се знае кој ќе биде влогот на 20-ти август.

„Сметам дека ова е клучен момент во историјата на нашата нација, во Авганистан, како и на меѓународната сцена. Доколку не успее овој проект, поради насилство или други причини, тогаш ќе пропадне судбината на целокупниот проект на стабилизација на Авганистан и регионот", вели Надери.

Авганистанската Независна изборна комисија игра клучна улога во обидот да се осигураат фер избори. Сепак, портпаролот на комисијата Мухамед Нор за Гласот на Америка изјави дека комисијата не е во позиција да гарантира безбедност за време на гласањето.

„Тоа е одговорност на националните и меѓународните сили стационирани во Авганистан", рече Нор.

На Универзитетот во Кабул има различни ставови за тоа што може да се постигне на 20-ти овој месец. Студентот Енјатула Хамеди се надева дека неколкуте стотици илјади вооружени авганистански сили и меѓународните трупи предводени од НАТО, ќе можат да ја гарантираат безбедноста.

Мохамед Ула, исто така студент, е песимист. Тој вели дека бројни фактори може да го попречат текот на изборите, особено поради фактот што владата нема контрола врз сите региони на Авганистан. Тој верува дека тоа ќе биде пречка народот да има доверба дека исходот од изборите ќе биде чесен.

Нила Али е студент по право. Таа стравува дека жените нема да можат да излезат на гласање, не поради нестабилноста, туку поради ограничувањата што ги имаат во конзервативното општество.

Таа вели дека жените се половина од населението и имаат право да гласаат. Се надева дека сите авганистански семејства ќе им дозволат на жените да учествуваат на изборите.

И покрај пројните пречки, авганистанската влада и меѓународната заедница се надеваат дека нивната соработка ќе резултира со избори кои ќе бидат доволно кредибилни за на мирен начин да бидат прифатени од народот на Авганистан.

XS
SM
MD
LG