Линкови за пристапност

Сенаторот Веб  вели Бурма порекнува дека има нуклеарни планови


Сенаторот Џим Веб вели дека за време на средбата со лидерот на Бурма, генералот Тан Шве, не го покренал директно прашањето за тоа дали Бурма располага со тајна нуклеарна програма. Веб се сретна со Шве во саботата, што e прва посета на висок американски претставник на оваа земја.

Тој во понеделникот сепак истакна дека бурманската влада порекнала дека поседува нуклеарна програма.

Порано месецов, австралиски научници рекоа дека од интервјуата со дезертери од Бурма се дознало оти владата располага со тајна нуклеарна програма и наводно е потпомогната од Северна Кореја. Во јуни, севернокорејски брод за кој се верувало дека е упатен во Бурма со сомнителен карго материјал, под меѓународен притисок бил вратен назад.

Американската државна секретарка Хилари Клинтон, предупреди дека какви било воени врски меѓу Бурма и Северна Кореја претставуваат закана по безбедноста во регионот.

Како гест без преседан спрема САД, на сенаторот Веб во саботата му било дозволено и да се сретне со опозиционата лидерка Ан Сан Су Чи. Тој воедно успеа да издејствува ослободување на американскиот државјанин Џон Јетав, кој се наоѓаше во притвор заради илегалната посета на Анг Сан Су Чи во нејзиниот дом во мај годинава. Поради посетата, бурманската влада го продолжи нејзиниот домашен притвор за дополнителни 18 месеци.

Сенаторот Веб кажа дека се чини оти Су Чи покажала волја да се олеснат некои од санкциите спрема Бурма. САД, ЕУ и другите западни влади претходно воведоа економски санкции за да се казни репресивната воена влада во земјата. Веб го поддржува укинувањето на санкциите против Бурма, кои, како што велат и другите експерти, само ја зголемиле изолацијата на бурмискиот народ.

„Не сакам да преземам ризик и погрешно да ги протолкувам нејзините ставови. Но сепак добив јасен впечаток дека таа не е против укинувањето на одредени санкции", изјави Веб.

Во 1990-те години Ан Сан Су Чи изрази одредена поддршка за економските санкции, како начин да се изврши притисок врз владата да ја признае победата на нејзината влада во `90-та година и да и` дозволи да формира нова влада. Но изминативе години, таа нема јавно прокоментирано за санкциите. Од изминативе 20, Су Чи 14 години помина во домашен притвор.

Во неделата, сенаторот Веб додаде дека Вашингтон треба да изнајде нови начини за ставање крај на изолацијата на Бурма и придонесување за политички и економски промени. Веб, кој е демократ, во неделата разговараше со Клинтон и штом ќе се врати во Вашингтон, се очекува повторно да ја брифира за неговата посета на Бурма.

Претседавачот на Сенатската поткомисија за Источна Азија и Пацификот, се наоѓа на петдневна турнеја низ Југоисточна Азија.
XS
SM
MD
LG