Линкови за пристапност

Коментарите на Бајден ги разлутија руските власти


Американскиот потпретседател Џозеф Бајден неодамна за Вол Стрит Џурнал изјави дека Русите имаат популациона база што се намалува, дека се соочуваат со лоша економија и имаат банкарски сектор и структура која тешко може да опстои во наредните 15 години. Тој додал дека сите овие трендови ќе ја натераат Русија да направи отстапки спрема Западот по клучни прашања по националаната безбедност.

Бајден ова го изјави по посетата на Украина и Грузија. Неколку недели претходно, претседателот Барак Обама во Москва се сретна со неговиот руски колега, Димитри Медведев, а целта на самитот беше подобрување на американско-руските односи.

Повеќето експерти се согласни дека тоа е постигнато, но додаваат дека изјавите на потпретседателот Бајден испраќаат поинаков тон од оној на Обама во Москва.

Стивен Џонс, експерт за Русија од колеџот Маунт Холок, во Масачусетс, вели дека Бајден на одреден начин ја отпишал Русија како значајна супер-сила.

„Русија, очигледно минува низ мошне сериозна економска ситуација. Ситуацијата не е најповолна во однос на демографијата и енергетските прашања, бидејќи Газпром е неефикасен, а производството на нафта е во опаѓање. Но, и покрај тоа, Русија и натаму е прилично моќна во регионот. Исто така, кога врз Русија ќе биде извршен притисок, таа на моменти може да претстави мошне силна, дури и агресивна политика. Затоа сметам дека ваквите изјави се преувеличување на ситуацијата и до некаде наивно“, вели Џонс.

Изјавата на Бајден предизвика остри реакции меѓу руските претставници. Сергеј Прикодко, виш советник за надворешна политика во Кремљ, изјави дека со ваквите ставови, се поставува прашањето – кој ја обликува американската надворешна политика – претседателот или членовите на неговиот тим?

Роберт Легволд од Универзитетот Колумбија се согласува:

„Покрена многу прашања, како во руските медиуми, така и во западните медиуми, за тоа дали американската администрација има единствен став конкретно за Русија“.

Роналд Суни од Универзитетот во Чикаго, вели дека Русите се во право:

„Русите се мошне чувствителни. Тие гледаат знаци, не знаат што да очекуваат од новата влада во Вашингтон и се чинеше дека се мошне задоволни од посетата на Обама на Москва. Потоа уследија коментарите на потпретседателот Бајден и Русите се вознемирија. Тие се прашуваат – какви се овие сигнали од американска страна? Кои се вистинските?“.

Кусо време по објавувањето на интервјуто со потпретседателот Бајден, американската државна секретарка, Хилари Клинтон, се обиде да ја смири топката и за телевизијата Ен-Би-Си, изјави:

„САД се залагаат, како што порача претседателот за време на неодамнешниот самит во Москва, за силна, мирољубива и напредна Русија. На САД и на Русија им претстои уште многу работа во меѓусебните односи“, истакна Клинтон.

Клинтон додаде дека Москва и Вашингтон работат на намалување на нуклеарниот арсенал, а соработуваат и по клучни прашања, како Северна Кореја и Иран.

XS
SM
MD
LG