Легендарниот инвентор и гитарист Лес Пол почина од компликации на пневмонија, на 94 години.
Пол ја револуционизираше музичката сцена со неговата електрична гитара без акустична празнина што за прв пат ја изгради во 1940тите, трагајќи по гитара со зајакнат звук. Во 1952, компанијата за производство на гитари „Гибсон" започна со продукција на гитарата на Лес Пол.
Во интервју за Гласот на Америка во 2007, Пол рече дека на времето не знаел дека е пионер, но знаел дека тоа што го бара го немало на пазарот.Во Музејот на славните од областа на Рок-ен-ролот стои дека е „сосема безбедно да се каже дека рок-ен-ролот каков што го знаеме нема да постоел без неговиот пронајдок". Гитарата со негово име ја користеле изведувачи како Ерик Клептон, Еди Ван Хален и Џими Пејџ, и продолжува до денес да биде прв избор на многу музичари.