Линкови за пристапност

Банкротство како начин да се преживее


Актуелната економска криза доведе до ситуација многумина Американци да преземат чекори кои никогаш не замислувале да ги преземат. Жена, што ќе ја наречеме Мери, донела драстична финансиска одлука откако забавувањето на нејзината работа придонело за значително намалување на нејзините приходи.

„Ако се подобреше текот на мојата работа, ќе се средеше и проблемот. Но, тоа не се случи. Банкротот беше мојот последен избор, немаше да се одлучам на него, ако имав друго решение“, вели Мери.

Адвокатот Хенри Сомер објаснува дека процедурата вклучува поднесување документација за имот, долгови и други информации поврзани со финансиите. На луѓето им е дозволено да задржат одреден дел од имотот, а остатокот оди во раце на кредиторите. За возврат се отпишува голем дел од долгот.

И покрај социјалните предрасуди поврзана со банкротирањето, во првите шест месеци од 2009 биле поднесени 37 проценти повеќе барања за прогласување банкрот споредено со минатата година.

Банкротството има долга историја во САД. Сомер вели дека тоа е битен дел од американскиот економски систем: „Банкротството долго е дел од американскиот закон бидејќи Америка верува во слободен пазар. Луѓето преземаат ризици. Ние сакаме бизнисите да преземаат ризици, но истовремено не сакаме луѓето да бидат преплавени со долгови до крајот на нивниот живот, доколку не се оствари планираното“.

Институтот за финансиско описменување објави извештај за статистика за банкротство за 2008 - првата полна година на рецесија. Основачот на овој институт, Лесли Линфилд вели дека минатата година е регистриран демографски пресврт во категоријата луѓе кои банкротираат.

„Луѓе со повисоки примања, повисоко образование, брачни парови, самовработени – тоа се луѓето кои сега повеќе отколку претходната година бараат заштита во банкротството. Тоа се луѓето од средната класа“, вели Линфилд.

Тој вели и дека имањето на големи долгови секогаш е фактор, но честопати банкротството е поттикнато од еден од три крупни настани во животот, здравствени проблеми, развод или невработеност. Ситуацијата според него станува проблем зашто луѓето немаат големи заштеди.

Поврзаноста меѓу медицинските трошоци и долгот го привлекува вниманието на законодавците во САД. Финансискиот експерт Лесли Линфилд вели:

„Мошне е важно луѓето вклучени во дебата околу реформите во системот за здравствена заштита, да ги имаат предвид податоците од истражувањата. Мислам дека кога некој ќе каже дека 30 проценти од луѓето опфатени во анкетите, изјавиле дека прогласиле банкрот поради здравствени трошоци, болест или повреда, тоа е алармантно“.

Промените во пазарот за недвижнини исто така придонесоа за зголемувањето на бројот на банкротства.

„Подолго време луѓето можеа да ги избегнат актуелните финансиски проблеми со нивните кредитни картички, преку рефинансирање на нивните домови и земање на специјални заеми, за да ги исплатат тие кредитни картички. Сега кога вредноста на нивните домови е намалена, многу луѓето немаат можност за рефинансирање“, вели адвокатот Хенри Сомер.

Поединци, како Мери, кои ќе бидат принудени на банкротство, мора да мислат на промените што мора да ги направат, за да ја избегнат оваа ситуација во иднина.

Поради промените во законот за банкрот во 2005, секој кој ќе поднесе документи за банкротство мора да присуствува и на двочасовно финансиско советување. Законодавците се надеваат дека ова е едукативно, за никој да не го направи овој чекор повеќе од еднаш во животот.

XS
SM
MD
LG