Линкови за пристапност

Американски маринци и авганистанската армија почнаа операција во јужен Авганистан


Четири стотини американски маринци и сто авганистански војници влегоа во јужен Авганистан како дел од нова операција за преземање на контролата во областа пред претседателските избори следната недела.

Армиски сили опремени со хеликоптери во среда ја започнаа операцијата „Источна решеност 2" во дистриктот Навзад на авганистанската провинција Хелманд. Американски армиски претставници во соопштение кажаа дека целта на операцијата е да се обезбеди слободно да работат Независната изборна комисија и авганистанските национални безбедносни сили. Во соопштението нема детали за жртвите.

Талебанските милитанти од областа ветија дека ќе ги пореметат изборите на 20 август со напади на изборните места и закани против гласачите.

Исто така во јужен Авганистан, бомба поставена на пат ранила двајца новинари на Асошиејтед Прес кои биле заедно со американската армија. Еден од новинарите, Индонезиец, Анди Јатмико, претрпел повреди на ногата и во ребрата, додека другиот, Шпанец, Емилио Моренати, бил ранет во нога што довело до губење на стапалото.

Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи вчера кажа дека верува оти изборите ќе минат мирно и покрај ескалираното насилство. Карзаи, кој се кандидира за реизбор, исто така ги поттикна младите да излезат на гласање.

XS
SM
MD
LG