Линкови за пристапност

Повик за поголемо почитување на женевските конвенции


Конвенциите поставија правила на водење меѓународни војни. Но, од 1949-та, војните се претопија во граѓански конфликти и само некои правила од Конвенциите се однесуваат на ваквите оружени судири.

Претседателот на меѓународниот комитет на Црвениот крст Џејкоб Келенбергер, вели дека женевските конвенции се` уште се релевантни. Но, тој се согласува дека многу одредби од нив за начинот на војување се прекршуваат.

Иако Келенбергер вели дека делегати од Црвениот крст на терен се сведоци за кршење на женевските конвенции – од масовни раселувања на цивили до напади врз цивили, тој подвлекува дека тоа не е правило: „Погрешен е впечатокот дека кршењето на женевските конвенции е правило, а почитувањето на законот исклучок“, вели Келенбергер.

Според него, се` повеќе вооружени конфликти се случуваат во области каде живеат цивили. Тоа не само што го зголемува ризикот по нивните животи, туку го отежнува разликувањето на борците од цивилите.

Келенбергер вели дека важно е да се направи разликата меѓу нив, затоа што врз растечки број цивили намерно се цели заради верувањето дека се инволвирани во борбите:

„Ако премногу го проширите концептот, многу цивили стануваат оправдани мети. Затоа, ако сакате да ги заштитите цивилите мора да имате јасна и тесна дефиниција за тоа кој директно учествува во непријателствата“, вели Келенбергер.

Тој додава дека не верува оти почитувањето на меѓународното хуманитарно право е ослабено на глобално ниво, но призна дека почитувањето на некои одредби од женевската конвенција се поткопани по терористичките напади врз САД во 2001-ва.

Неодамнешно истражување на јавното мислење меѓу четири илјади испитаници во осум завојувани држави покажа дека повеќето граѓани веруваат дека женевските конвенции се важни и треба да се почитуваат, а правилата на војување да се зајакнат.

XS
SM
MD
LG