Линкови за пристапност

Кина ја одбележа годишнината од Олимпијадата


Близу 34.000 изведувачи на Таи Чи се собраа на олимписката знаменитост, стадионот наречен „Птичје гнездо“ и го одбележаа Националниот ден на спортот, поставувајќи нов Гинисов рекорд.

Слично како и на церемонијата на отварање на Олимпијадата во Пекинг минатата година, настанот беше приказ на единство, со море од учесници облечени во бели свилени костуми што се движеа како еден.

Додека Пекинг се осврнува на олимпиското наследство, еден од најголемите предизвици со кои се соочува, е справувањето со 36-те нови спортски објекти и трошоците од преку 40 милијарди долари за нивна изградба.

Љубителите на фудбалот во Кина имаа прилика да го проследат мечот помеѓу Лацио и Интер. Ова всушност беше и прв спортски настан одигран на славниот стадион по Параолимпијадата која минатата година уследи веднаш по Летните игри.

Многу од новоизградените објекти имаат проблеми со големите трошоци за одржување и генерално со финансии, така што нивната иднина се доведува во прашање. Стадионот „Птичјо гнездо“ и Водниот центар „Водена коцка“, се единствените објекти што се употребуваат, како туристички атракции.

Менаџерите на Водниот центар велат дека се планира тој да биде трансформиран во центар за повеќе намени, во чии рамки ќе биде вклучен воден парк, центар за рекреација, со сауни и продавници.

Освен музичките концерти кои одвреме навреме ќе се одржат на познатиот стадион, тој повеќе е посетуван заради неговата импозантност и желбата луѓето да се фотографираат до него.

Алберт Енг е директор на „Wild China“, туристичка агенција со седиште во Пекинг. Тој вели дека Олимпијадата помогнала да се зголеми интересот за модерна Кина и за тоа како земјата гледа кон иднината. Енг додава дека во пораст е интересот за турите да се види модерната архитектура, уметност и култура на Пекинг.


„Интересно е, бидејќи само пред неколку години, повеќето од туристите сакаа да ја видат само старата Кина, Кина од времето на империјата, но сега фокусот е на новото“, вели Енг.

Порано годинава, анкета спроведена од градските власти, покажа дека „Птичјото гнездо“ било најпосетена туристичка атракција во Пекинг, надминувајќи го потрадиционаланите знаменитости како „Забранетиот град“ на пример.

На одбележувањето на годишнината од Летните олимписки игри, во Кина изобилуваа извештаи на медиуми контролирани од владата и написи. Во еден од нив се критикуваат „политички настроените“, кои „се надевале дека историската прилика ќе им помогне да се донесат промени прикладни на нивните вкусови“.

Во написот се додава дека Олимписките игри придонеле Пекинг да има почист воздух и подобра организација во сообраќајот, а се подобрил и квалитетот на живот.

Државниот весник China Daily, ги потенцира напорите на Кина за давање поголем пристап на странските медиуми за покривање на настаните, и оваа промена ја припишува како наследство на Олимпијадата.

Еден од долгорочните проблеми, што донесе голема загриженост пред Олимпијадата, беше квалитетот на воздухот во Пекинг. Пекинг презеде драстични чекори за елиминирање на огромните количини на смог. Фабриките беа преместени на други локации или беа исчистени, на сила стапија специјални сообраќајни правила, а беше нареден и прекин на сите градежни активности.

Резултатот, според некои, е напредок.

Кинеските власти велат дека во првите седум месеци од оваа година, Пекинг уживал најдобар квалитет на воздухот во последниве десет години. Во извештај на Програмата за животна средина при ОН, се вели дека огромните напори на Кина, помогнале за време на Олимпијадата да се намали загаденоста за 36 проценти.

Сепак, останува прашањето за жителите на Пекинг, дали вложените напори се долгорочни? Некои долгогодишни жители велат дека се чини оти квалитетот на воздухот се подобрува, но дека смогот и натаму е присутен.

XS
SM
MD
LG