Во проблематичната провинција Хелманд започна американско-авганистанска воена операција против борците на Талебан кои се закануваат да ги попречат претседателските избори во земјата на 20-ти август.
Американски маринци велат дека новата операција е со цел истиснување на бунтовниците од јужен Авганистан, кои претставуваат најсериозен предизвик за одржувањето на изборите во земјата.
Четири стотини маринци и морнари, како и 100 авганстански војници ја почнаа операцијата „Источна решеност Два“.
Регионот Хелманд каде се одгледуваат големи количини на афион, е примарна маршрута за талебанските борци кои доаѓаат од Пакистан да учествуваат во бунтовништвото во Авганистан. Фокусот на офанзивата е јужната долина, каде бунтовниците се длабоко навлезени. Трупите се надеваат дека ќе успеат да ги истераат припадниците Талебан од градовите со цел граѓаните да можат да гласаат на изборите.
Во Кабул, канадскиот бригаден генерал Ерик Тримблеј од Меѓународните сили за помош во обезбедувањето предводени од НАТО, вели дека авганстански и странски војници ќе оперираат ширум земјата да обезбедат сигурност за првите претседателски избори во пет години.
„Нашиот фокус е подготовка за изборите со конфронтирање на бунтовниците, оневоможувајќи ги да дејствуваат, изолирајќи ги од популацијата и намалувајќи ја нивната способност“, вели генералот.
Меѓународните организации, вклучувајќи ги и ОН, стравуваат дека насилството и заплашувањата на Талебан ќе спречат голем број Авганистанци да излезат на гласање.
Претседателот Хамид Карзаи, кој бара реизбор на функцијата, ја охрабри јавноста да не дозволи таквите закани да ги одвратат од можноста за излезат на избори.
Претседателската палата потврди дека бунтовниците извршиле напад врз владин објект во северната провинција Кундуз, каде изминатите месеци Талебанците ги зголемиле активностите. Карзаи издаде соопштение во кое го истакна патриотското жртвување на шефот на полицијата од областа Арчи, каде загинал при одговор на нападот.
Во областа Пагам од провинцијата Кабул, околу 20 километри западно од главниот град, во бомба која беше активирана со далечински управувач биле убиени пет полицајци и повредени уште тројца.