Линкови за пристапност

Бурма: Ан Сан Су Чи осудена на уште 18 месеци  куќен притвор


Армиските владетели на Бурма наредија на продемократскиот лидер Ан Сан Су Чи да биде уште 18 месеци во куќен притвор заради прекршување на внатрешен безбедносен закон.

Потегот ќе ја спречи 64-годишната раководителка на бурмиската опозиција да учествува во изборите следната година доколку ја ислужи целата казна.

Суд во рангунскиот затвор Инсеин прво ја осуди Ан Сан Су Чи во вторникот на три години затвор со тешка работа заради тоа што му дозволила на Американец да остане во нејзиниот дом во мај, додека била во куќен притвор.

Но, бурмиски министер за внатрешни работи влегол во судот и рекол дека лидерот на државата, генералот Тан Шве, ја преиначил казната на 18 месеци домашен притвор.

Властите подоцна ја довезле Анг Сан Су Чи назад во нејзината куќа во Рангун да ја отслужи казната. За време на судењето таа била притворена во затворот. Лауретот на Нобелова награда веќе мина 14 од последните 20 години затворена, од што најголем дел во куќен притвор.

Реакциите по пресудата се гласни. Американската државна секретарка Хилари Клинтон ја повика бурмиската влада да ја ослободи, шведското претседателство на ЕУ вети натамошни санкции против бурмискиот армиски режим, британскиот премиер кажа дека е „затечен и лут“ и ги поттикна ОН да постават светско ембарго на продажбата на оружје за бурмиската влада.

XS
SM
MD
LG