Линкови за пристапност

Свинскиот грип и економијата во фокус на самитот САД-Канада-Мексико


Првите луѓе на САД, Канада и Мексико на самитот во мексиканскиот град Гвадалахара се заложија да соработуваат на опоравување на глобалната економија и во битката против ширењето на свинскиот грип. Американскиот претседател Барак Обама изјави дека со мексиканскиот колега Фелипе Калдерон и канадскиот премиер Стивен Харпер се договориле да обезбедат економски растеж.

Во заедничко соопштение, лидерите истакнаа дека дискутирале за плановите за зајакнување на јавните здравствени капацитети и се договориле да делат информации за пандемијата на свинскиот грип.

На дневен ред на дводневниот самит што заврши понеделникот беа и енергетските и климатски промени, како и мексиканската војна против картелите со дрога.
Обама, Харпер и Калдерон подвлекоа дека транснационалните криминални мрежи се закана за сите три држави.

Калдерон доцна неделата кажа дека САД треба да побрзаат со ветената помош од 1,4 милијарди долари за Мексико за борба против организираниот криминал. Околу 100 милиони долари се` уште не стигнале во Мексико бидејќи одреден број пратеници во американскиот Конгрес се загрижени поради наводното кршење на човекови права од страна на мексиканската армија. На 45-минутната средба со Калдерон, Обама изразил цврста поддршка за мексиканската броба против картелите со дрога, но ја истакнал и важноста на човековите права.

Обама изјави и дека заедничкиот просперитет зависи од легалната миграција, и најави дека неговата администрација ќе продолжи да работи на „поправање“ на имиграциониот систем во САД.

Владата на Обама полага големо внимание на северноамериканските прашања и односи: според Белата куќа, американскиот претседател веќе на 12 пати се има сретнато со првите луѓе на Канада и Мексико откако стапи на функцијата. Во септември, канадскиот премиер ќе биде гостин на Белата куќа, а Обама, Харпер и Калдерон ќе учествуваат и на самитот на Групата 20 главни економски сили и економии во развој, што ќе се одржи во Питсбург, во американската сојузна држава Пенсилванија.

XS
SM
MD
LG