Американскиот режисер Џон Хјуз, кој остави печат со некои од најпопуларните филмови во 1980-те и 90-те, ненадејно почина од срцев удар на 59-годишна возраст. Според негови претставници, Хјуз добил срцев удар додека бил на утринска прошетка во Њујорк.
Неговото име е зад неколку хитови-комедии од 1980-тите кои станаа таканаречена „култна класика“. Тој е сценарист на „Одмор“ и режисер на „Слободниот ден на Ферис Бјулер“, „Шеснаесет свеќички“, и “Брекфаст клуб“. Во неговите филмови се појави група млади актери - Метју Бродерик, Ентони Мајкл Хол и Моли Рингвалд. Публиката ги сакаше филмовите поради комедијата, но и поради репликите и музиката што го доловуваа духот на младите.
Хјуз е особено познат како сценарист на хитот „Сам дома“ од 1990-та. Филмот ја започна кариерата на тогашното дете-актер Меколи Калкин. Во подоцнежните години, Хјуз се повлече од јавноста и повремено соработуваше на сценарија, живеејќи со семејството на фарма во северен Илиноис.