Американската државна секретарка Хилари Клинтон вели дека САД и Јужна Африка ќе соработуваат за да придонесат за вистински социјални промени во соседот на Јужна Африка, Зимбабве. Таа во јужноафриканскиот главен град Преторија разговораше со колегата Маите Н`коана Машабане, во рамки на африканската турнеја по 7 земји.
Клинтон по средбата изјави дека три милиони бегалци од Зимбабве во Јужна Африка го симболизираат „неуспехот на владата на Зимбабве да се грижи за сопствените луѓе“. Таа најави дека Вашингтон и Преторија ќе се обидат да издејствуваат санкции што директно ќе бидат насочени на државниот врв на Зимбабве, без да наштетат на народот. Првиот американски дипломат по пристигањето во Јоханесбург во четвртокот рече и дека ќе ја поттикне Јужна Африка да изврши притисок врз претседателот Роберт Мугабе целосно да го примени договорот за споделување на власта со премиерот Морган Чвангираи. Мугабе владее деспотски во Зимбабве уште откако земјата стана независна во 1980-та.