Линкови за пристапност

Расмусен бара засилувања во Авганистан


Новиот генерален секретар на НАТО вели дека се потребни повеќе војници за да биде успешна мисијата во Авганистан. Андерс Фог Расмусен за Би-Би-Си во петокот изјави дека НАТО остварил напредок во јужен Авганистан, но дека тоа барем делумно се должи на засилувањата што беа испратени во тој дел на земјата. Расмусен, кој стапи на функцијата на почетокот на август, најави дека една од неговите клучни цели е да ги префрли безбедносните обврски во земјата на Авганистанците.

САД веќе најавија дека нивните команданти најверојатно ќе побараат дополнителен број на војници. Грузискиот парламент, пак, денес одобри план за испраќање на засилување. Но, канадскиот министер за надворешни работи Лоренс Кенон во четвртокот потврди дека силите на неговата земја ќе се повлечат како и што беше планирано, до 2011-та.

Последниве неколку недели беа особено смртоносни за војниците од западните земји. Официјални лица ја фрлаат кривицата на бунтовниците на Талебан, кои зачестија со напади ширум земјата во обид да ги заплашат гласачите да не учествуваат на претседателските избори на 20-ти август. Во четвртокот загинаа 7 војници од САД и Британија, со што вкупниот број во првата недела на август се зголеми на 18. Во јули во Авганистан загинаа 76 странски војници – најмногу од почетокот на војната во 2001-ва.

Расмусен кажа дека меѓународната заедница не смее да дозволи Авганистан повторно да стане засолниште за терористите.

XS
SM
MD
LG