Линкови за пристапност

Многу области во Авганистан недостапни за хуманитарна помош


ОН велат дека речиси 60 проценти од територијата на Авганистан, помалку или повеќе не е безбедна, а пристапот во тие области е ограничен и ризичен.

Координаторот за хуманитарна помош во Авганистан во рамки на ОН, Роберт Ваткинс, вели дека агенциите на светската организација, треба се` повеќе да сметаат на организациите во Авганистан за достава на помош за лица кои имаат потреба од неа.

„Доведени сме во мошне непријатна ситуација, бидејќи ако не можеме самите да појдеме таму за да видиме што се прави, до кого стигнува помошта и кои критериуми се користат, колку доставувачите задржуваат за себе, колкава е загубата, тогаш губиме контрола врз ситуацијата. Тоа е мошне загрижувачки тренд. Алтернативата, пак, е уште полоша, ако не ги користиме тие организации, тогаш дефинитивно знаеме дека таму нема да дојде никаква помош“, вели Ваткинс.

Според ОН, во Авганистан се внатрешно раселени околу 235.000 лица, а 2,6 милиони се бегалци во соседните земји. ОН велат дека 7,4 милиони луѓе или речиси една третина од населението, имаат недостаток на храна.

Во неодамнешен извештај на ОН се наведува дека бројот на цивилни жртви се зголемил за 24 проценти во првите шест месеци од годинава, споредено со истиот период од 2008-ма.

Ваткинс додава дека забележано е и зголемување на бројот на нападите врз меѓународните хуманитарни организации и серизноста на овие напади ги доведува во опасност хуманитарните операции.

„Недоволниот пристап претставува пречка авганистанското население да ја добие неопходната медицинска помош, основните услуги кои се` почесто не можат да бидат доставени. Сето ова влијае на нивното здравје. Со тоа се намалува и можноста да обезбедиме друг вид на помош, како што е вакцина против детска парализа, на пример“, вели Ваткинс.

Во февруари, ОН апелираа за речиси 650 милиони долари помош за Авганистан. Ваткинс вели дека 68 проценти од побараната помош е покриена, но повеќе од половина од средствата е наменета за помош во храна.

Како последица на ова, вели овој експерт, многу малку пари се на располагање за обезбедување на клучна помош во областите како здравство, засолниште, храна, образование, вода и хигиена. Малку пари им се дадени и на невладините агенции, кои се важни во процесот на дистрибуција на ваквата помош. Тој ја повикува меѓународната заедница да го преразгледа распределувањето на помошта во овие сектори.

XS
SM
MD
LG