Линкови за пристапност

Убиен командантот на Талебан во Пакистан


Водачот на Талебан во Пакистан Бајтула Месуд бил убиен средата во ракетен напад во племенскиот регион Јужен Вазиристан. Ова го соопшти пакистанскиот министер за надворешни работи Шах Махмуд Куреши на прес-конференција петокот во Исламабад, цитирајќи разузнавачки извори.

Претходно, разузнавачки лица јавија дека Месуд бил погребан во селото Наргусани, недалеку од местото каде, како што се претпоставува, бил погоден од проектил истрелан од американско беспилотно летало. Областа е под контрола на Талебан.

Асошиетед прес јави дека друг командант на Талебан, Кафајат Ула, потврдил дека Месуд загинал. Американски официјални лица соопштија дека постојат цврсти показатели дека Месуд загинал во нападот, но не потврдија. Пакистанските власти наведоа дека во нападот загинале и неговата втора жена и телохранителите.

САД нудеа награда од 5 милиони долари за Месуд, тврдејќи дека тој има блиски врски со оперативци на Ал-Каида. Неговото засолниште - Јужен Вазиристан е тешко проодлив, зафрлен регион во кој владее беззаконие.

Пакистанската армија вели дека се подготвувала за напад врз командантот на Талебан, кој презеде одговорност како организатор на редица напади на бомбаши-самоубијци во Пакистан. Месуд е обвинет и дека стои зад атентатот врз поранешната премиерка Беназир Буто во декември 2007-ма, иако тој негираше.

XS
SM
MD
LG