Линкови за пристапност

Клинтон вети цврста поддршка за владата на Сомалија


Американската државна секретарка Хилари Клинтон се заложи за цврста поддршка за сомалиската влада во борбата против исламистичките милитантни групи. Клинтон и сомалискиот претседател Шеик Шариф Шеик Ахмед говореа на заедничка прес-конференција по нивната средба во четвртокот во главниот град на Кенија, Најроби.

Клинтон подвлече дека САД сакаат да ја „прошират и продолжат“ американската поддршка за владата на претседателот Шариф.

САД во јуни соопштија дека испратиле оружје за сомалиската влада. Клинтон на прес-конферецијата не кажа точно каков вид на проширена помош ќе понуди Вашингтон.

Американската државна секретарка воедно ја предупреди Еритреја дека ќе се соочи со казнени мерки освен доколку не прекине да ги поддржува сомалиските бунтовнички групи. Вашингтон ја обвинува Еритреја дека помага на организацијата Ал-Шабаб и други милитантни групи и се закани дека ќе побара меѓународни санкции против владата на оваа земја.

Исламистичките бунтовнички групи под раководство на Ал-Шабаб контролираат поголем дел од јужна Сомалија, како и делови на главниот град Могадишу.
САД тврдат дека Ал-Шабаб има врски со Ал-Каида, како и дека може да ја претвори Сомалија во засолниште за терористи.

Првиот американски дипломат изрази поддршка и за мировната мисија на Африканската Унија во Сомалија, која ги штити главните владини упоришта, како аеродромот во Могадишу и претседателската палата.

Кенија е првата станица на 11-дневната турнеја на Клинтон по седум африкански земји. Таа ќе ги посети и Ангола, Демократската република Конго, Нигерија, Либерија и Кејп Верде,

На средбата со граѓани во Најроби во четврткот, Клинтон рече дека сака „Кенија да има лидерска улога во 21-от век“, но дека зависи од самата земја дали тоа ќе се случи. Претходно, таа положи венец на споменикот на жртвите на бомбашките напади во американските амбасади во Кенија и Танзанија, што ги изврши Ал-Каида. На ден пред 11-годишнината од нападите, Клинтон рече дека е време да се реафирмира решеноста и да се спречат нови недолжни жртви во идни напади.

XS
SM
MD
LG