Линкови за пристапност

Досегашните напори за елиминирање на детската парализа - неуспешни


Професорот на Универзитетот Колумбија, Скот Барет вели дека напорите да се искоренат малите сипаници во 1970-те, можеле лесно да пропаднат.

„Едвај успејаа,“, вели тој. „Кај вакви работи, не треба да се зема здраво за готово. Треба да го познаваме минатото, а тоа е дека напорите за елиминарање на малите сипаници, на пример, беа на граница да не успеат и треба да бидеме среќни што завршија успешно“, вели Барет.

Исто како и малите сипаници, детската парализа е мошне лесно пренослива болест. Борбата против неа започна пред околу 50 години, кога беа беа изработени две различни вакцини, првата, се внесува преку инекција и е всушност мртов вирус на болеста, а втората вакцина користи ослабен, но жив вирус. Вторава вакцина, која се дава орално е многу поевтина, но може да предизвика појава на детска парализа во мал број на случаи.

Напорите за сузбивање на детската парализа од `50-те години, наваму, дадоа одлични резултати, но болеста, тврдоглаво, и натаму е присутна на многу места. Професорот Барет додава дека елиминирањето на болеста претставува предизвик кој може да не заврши успешно.

„Овојпат, не постои датум за тоа кога точно тоа конечно ќе се случи. Претходно два пати беа давани датуми, и два пати роковите не беа исполнети. На процесот се гледа како на коцкање, може да победиме, а може и да изгубиме“, истакнува Барет.

Тој идентификува бројни предизвици кои треба да се реализираат за конечно елиминирање на детската парализа и тоа во регионите, каде болеста и натаму е ендемична.

Во пределот долж авганистанско-пакистанската граница, програмите за сузбивање на болеста се пресретнати со отпор од страна на фракциите, а и понекогаш со насилно противење за употреба на вакцина.

Во двете северни индиски држави Утар Прадеш и Бихар, вакцинација не е секогаш ефикасна во заштита на децата кои веќе имаат други вирусни инфекции или дијареа.

Во северна Нигерија пак, вакцинацијата е прекината во 2003, откако политички и верски лидери тврдеа дека вакцината меѓу другото е контаминирана со вирусот ХИВ.

Барет предупредува и на ризикот од одземање или губење на примероците на вирусот на детска парализа од стотиците лабаратории ширум светот.

Друг предизвик, според професорот Барет, е финасирањето на оваа скапа програма за елиминирање на детската парализа. Нигерискиот бојкот резултираше со привремено запирање на донациите од страна на ЕУ. Официјални лица предвидуваат дека наредните неколку години ќе бидат потребни две милијарди долари за финансирање на овие напори.

Барет подвлекува дека елиминирањето на детската парализа позитивно ќе се одрази и надвор од областите каде претставува закана.

„Ова е добар начин да го разберете концептот на глобализација“, вели Барет. „Она што се случува во малите села во руралните делови на Нигерија, можеби ќе ја одреди судбината за нас, овде во САД и насекаде во светот“.

Професорот Барет, во најновото издание на магазинот „Здравствени прашања“ уште вели дека дури и да дојде до комплетно искоренување на болеста, светот мора да остане буден, заради опасноста од нејзино повторно појавување.

XS
SM
MD
LG