Американскиот Сенат се очекува да одобри продолжување на популарната програма со дополнителни две милијарди долари.
Лидерот на сенатското мнозинство, Хари Рид, изјави дека Сенатот се согласил да гласа за програмата откако ќе ги разгледа амандманите што би поставиле ограничување на програмата. Српак, сите предложени амандмани се очекува да паднат.
Програмата „готовина за стари автомобили“, помогна за зголемување на продажбата на автомобили во САД. Преку планот, сопствениците на автомобили добиваат попуст од 4.500 долари за замена на стар автомобил со новокупен.
Претставничкиот дом ја одобри мерката минатата недела за продолжување на нејзиното финансирање. Првичниот фонд од една милијарда долари, беше потрошен за само неколку дена.
Американскиот претседател Барак Обама вети дека ќе ја прошири популарната иницијатива, а од неговата администрација велат дека доколку Конгресот не одобри дополнителни средства, во фондот ќе има пари само до петок.