Линкови за пристапност

21 загинати во експлозија во Авганистан


21 цивил загинаа, а петмина биле повредени во четвртокот во областа Гармсер во југоисточната покраина Хелманд, кога нивното возило налетало на бомба покрај патот, соопштија авганистанските власти. Меѓу загинатите има жени и деца. Лицата, кои се наоѓале во приколка влечена од трактор, патувале на свадба.

Во одвоена експлозија на бомба во друг дел на Хелманд, пак, загинале пет полицајци.

Хелманд е упориште на милитантите на Талебан кои зачестија со напади во обид да ги попречат претседателските избори во Авганистан на 20-ти август. Сили на САД и НАТО се обидуваат да ја стабилизираат областа пред гласањето.

Во експлозија на бомба покрај патот во средата во западен Авганистан загинал еден американски војник, соопшти НАТО. Тој бил во патрола на НАТО против бунтовниците, кои биле забележани како поставуваат бомби.

На прес-конфренција во средата во Кабул со авганистанскиот претседател Хамид Карзаи, генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен изјави дека ќе ги засили армиските напори за поразување на Талебан. Карзаи рече дека доколку биде избран на втор мандат, ќе се насочи на мировни разговори со оние бунтовници кои не се поврзани со Ал-Каида.

Првиот човек на НАТО кажа дека би го поддржал дијалогот меѓу авганистанската влада и нејзините противници, под услов владата да преговара од „позиција на моќ“. Бунтовничките групи кои ќе прифатат преговори ќе мора да го положат оружјето, рече Расмусен.

Генералниот секретар рече и дека НАТО пружа максимални напори да спречи цивилни жртви во операциите против милитантите. Овие жртви предизвикаа длабока огорченост во авганистанската јавност.

Според независната набљудувачка организација „icasualties.org“, во Авганистан во јули загинале 76 војници на САД и НАТО – најмногу во еден месец откако меународните сили под раководство на САД извршија инвазија врз земјата.



XS
SM
MD
LG