Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен е во Авганистан, што е негово прво патување откако застана на чело на 28-члениот сојуз.
Поранешниот дански премиер кажа дека една од неговите клучни цели на функцијата ќе биде постепено да ги префрли безбедносните обврски во Авганистан, од меѓународните сили, на самите Авганистанци. Посетата уследи еден ден откако серија ракетни напади го погоди авганистанскиот главен град Кабул, што претставува најголем поединечен напад на милитантите пред претседателските избори на 20-ти август. Талебан презеде одговорност за деветте проектили, од кои еден заврши во близина на амбасадите на САД и Британија. Другите погодија во близина на меѓународниот аеродром.
Во средата, шест лица загинаа кога цивилно возило налета на патна мина во покраината Нангархар во источниот дел на земјата. Властите велат дека загинатите се двајца племенски старешини и четворица други кои патувале на средба со локални претставници.