Линкови за пристапност

Иран ги испрашува тројцата приведени Американци


Ирански претставник вели дека властите ги испрашуваат тројцата Американци приведени во петокот, а обвинети дека влегле во Иран од Ирак без одобрување. Иранската новинска агенција Фарс го цитира заменик-гувернерот на иранската покраина Кордестан Ираџ Хасанзадех дека тројцата не признаваат дека извршиле некаков престап. Тие беа уапсени во близина на иранскиот пограничен град Мариван.

Иранската телевизија ги окарактеризира тројцата Американци како шпиони. Според главниот претставник за безбедност во ирачкиот курдски регион Хаким Кадир, тројцата патувале низ северен Ирак и навидум навлегле во Иран кога заминале на планинарење , за да видат водопад во близина на границата.

Американската државна секретарка Хилари Клинтон кажа дека владата работи преку Амбасадата на Швајцарија во Техеран да добие информации за тројцата туристи и да ги врати дома. САД и Иран немаат дипломатски односи.

Курдските власти во Ирак велат дека границата со Иран не е јасно обележана во областа каде биле уапсени Американците. Според истиот извор, барем двајца од нив студирале арапски во Сирија, а пристигнале во полуавтономниот курдски регион во Ирак од Турција.

XS
SM
MD
LG