Линкови за пристапност

Бил Клинтон се сретна со Ким Џонг-ил во Северна Кореја


Поранешниот американски претседател Бил Клинтон се сретна со севернокорејскиот водач Ким Џонг-ил во Пјонгјанг, во мисија да издејствува ослободување на две американски новинарки.

Државно контролираните севернокорејски медиуми наведуваат дека Клинтон на Ким му пренел усна порака од американскиот претседател Барак Обама за време на средбата вторникот, но Белата куќа негираше такво нешто. Владата на Обама издаде соопштение дека нема да коментира во јавноста за време на посетата на Клинтон, нарекувајќи ја „чисто приватна мисија за да се издејствува ослободување на двете Американки“.

Јужнокорејската новинска агенција Јонхап јави дека Ким организирал вечера за Клинтон и дека тие размениле „широк круг мислења“ во разговорите.

Американските новинарки Јуна Ли и Лора Линг се затворени во Северна Кореја уште од март годинава поради илегално влегување во земјата преку Кина. Тие биле уапсени додека известувале за севернокорејските бегалци во Кина во близина на границата со Северна Кореја. Ли и Линг во јуни беа осудени на 12 години робија. Тие беа обвинети и дека извршиле непријателски чинови против севернокорејската влада.

Новинарките работеа за Телевизијата Карент со седиште во Сан Франциско, чии основачи се поранешниот потпретседател Ал Гор во владата на Бил Клинтон и бизнисменот Џоел Хајт.

Во последниве месеци се зголеми напнатоста во врска со нуклеарниот тест што официјален Пјонгјанг го изврши во мај, како и серијата последователни тестирања на проектили од долг и кус домет. Нуклеарниот тест повлече резолуција на ОН со која беа воспоставени построги санкции против севернокорејскиот режим.

Клинтон е најистакнатиот Американец кој ја посетил Северна Кореја по Медлин Олбрајт, поранешната државна секретарка во неговата влада, која беше таму во 2000-та. Тој е вториот поранешен американски претседател кој бил во земјата – Џими Картер беше во псоета во 1994-та, на мисија што доведе до пресвртен договор за севернокорејската нуклеарна програма.

Американски владин претставник, кој е на африканската турнеја на американската државна секретарка Хилари Клинтон, кажа дека владата на Обама се надева на „успешно завршување на мисијата и безбедно враќање на новинарките“.

XS
SM
MD
LG