Просечен граѓанин кој работи во Русија може да се соочи со голема бирократија. Постојат многу правила кои треба да се следат, формулари кои треба да се пополнат, описи на работни места кои треба да бидат одобрени. Ситуацијата може да биде уште покомплицирана за оние кои работат за невладини организации, на кои владата гледа како на закана. Метју Шаф е преставник на Хјуман Рајтс Воч во Москва:
„Организациите кои работат на контроверзни прашања или кои се поврзани со политичката опозиција имаат поголеми проблеми со властите“, вели тој.
Една од тие организации е Голос Самара, група за заштита на правата на гласачите со седиште во Самара, на југот на земјата. Токму овде се оддржа и самитот меѓу ЕУ и Русија во 2007 година.
Шаф вели дека пред закажаните средби, владата ги прекина активностите на оваа невладина организација во целиот регион.
„Кога вработените сакаа да влезат во зградата, нивните канцеларии беа затворени, со образложение дека не се испочитувани правилата за заштита од пожар. Организацијата беше обвинета и за користење на илегален софтвер, а на директорот на организацијата му беше наредено да оди на психијатриско набљудување“, изјави Шаф.
Тој додаде дека руската влада го користи законот од 2006 со кој се дозволуваат непотребни проверки и барања невладините организации да изготвуваат непотребна и обемна документација, само за да им се отежни работата.
Шаф додава дека владата користи секакви закони за да ги прекине активностите на организациите кои се фокусирани на граѓанскиот активизам.
Во 2006 година, рускиот парламент усвои легислатива против екстремизмот, во која се прошири дефиницијата за екстремизмот со точки како клевета на јавно лице, попречување на работата на властите и учество во хулиганство или вандализам за идеолошки, верски или етнички причини.
Руските власти тврдат дека таа легислатива има за цел да стави крај на криминалните дела поттикнати од омраза, но опозицијата вели дека законот е само уште еден начин Кремљ да ги протера невладините организации од Русија.
Сепак и покрај скептицизмот на некои експерти за подготвеноста на руската влада да им помогне на невладините организации, парламентот во моментов расправа по предлог закон за олеснување на одредени остри регулативи во врска со овие групи, како што е намалување на обемот на документацијата што невладините организации треба да ја обезбедат при регистрирањето.
Метју Шаф од Хјуман Рајтс Воч сепак истакна дека новиот закон се однесува само на третина на невладините организации во Русија и дека не обрнува внимание на некои од поголемите проблеми со кои тие се соочуваат, како насилството, на пример.