Линкови за пристапност

Претставени образовни програми за американските ветерани


Претседателот Обама рече дека оние кои се бореле за САД во Ирак и во Авганистан заслужуваат можност да продолжат да придонесуваат за земјата како продуктивни образовани цивили – исто како што тоа го направиле минатите генерации на американски борци:

„Слободата и просперитетот што ги уживаме немаше да бидат возможни без службата на генерации Американции кои го понесоа најтешкиот и најопасен терет. Но, исто така знаеме дека придонесот што припадниците и припадничките на армијата и го даваат на државата не завршува со соблекувањето на униформите. Им должиме на сите што служеле, и кога го плаќаме тој долг на најхрабрите Американци меѓу нас, тогаш инвестираме во нашата иднина", рече американскиот претседател.

Претседателот зборуваше на Универзитетот Џорџ Мејсон во Вирџинија, а го придружуваа потпретседателот Џо Бајден и секретарот за ветерански прашања Ерик Шинсеки.

Новиот закон стапи во сила на почетокот од август. Со него им се плаќа школарината, животните и други трошоци на државните универзитети и колеџи ширум САД на оние кои имаат најмалку 90 дена активна служба во армијата. Процентот од трошоците кои ќе ги покрие државата зависи од должината на активната служба. Овие пари може да се употребат и за запишување на приватни универзитети, кои се поскапи. Овие олеснувања за образование на ветераните важат 15 години и може да се префрлат на членовите од семејствата. Законот „тежи" 75 милијарди долари.

Забележувајќи дека поранешни претседатели, судии на Врховниот суд и добитници на Нобелове награда употребиле вакви средства во минатото за свое образование, претседателот Обама вели дека новите средства исто така ќе бидат потрошени за добра цел.

XS
SM
MD
LG