Линкови за пристапност

Полицијата се судри со демонстранти во Техеран


Иранската полиција и поддржувачи на опозицијата се судрија во понеделникот во Техеран, неколку часови откако Махмуд Ахмадинеџад и формално беше назначен за претседател.

Дописник на иранската државна телевизија Прес ТВ вели дека полицијата употребила солзавец за да растера околу 2.000 демонстранти кои се собрале меѓу два плоштада во иранскиот главен град.

Иран им забрани на странските медиумски куќи нивни новинари да известуваат од опозициони протести.

Претходно, иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Каменеи на церемонија во Техеран го одобри вториот претседателски мандат на Ахмадинеџад, и покрај тврдењета на опозицијата за изборна измама.

На настанот не присуствува двајца поранешни претседатели, Мухамед Катами и Акбар Хашеми Рафсанџани, како и поразените реформистички претседателски кандидати, Мир Хусеин Мусави и Мехди Каруби.

Ајатолахот во понеделникот го пофали изборниот резултат. Ахмадинеџад ќе даде заклетва во Парламентот на 5-ти август. Тој потоа има две недели да го назначи новиот Кабинет.

По првата победа на Ахмадинеџад на претседателските избори пред четири години, во јавноста циркулираше фотографија од церемонијата на која тој му бакнува рака на Каменеи во знак на лојалност. Годинава, пак, иранските државни медиуми јавија дека врховниот лидер се повлекол кога Ахмадинеџад му се приближил во обид повторно да му ја бакне раката. Наместо тоа, ајатолахот му дозволил на претседателот да му го бакне рамото.

Иранските безбедносни лица уапсија стотици активисти, политичари и демонстранти по претседателските избори на 12-ти јуни. Во саботата почна масовно судење против 100-тина приведени.

Поранешниот ирански претседател Мухамед Катами, кој сега е на чело на една од најголемите реформистички партии во земјата, рече дека масовното судење е противуставно, дека се работи за наместени судења што треба да испратат порака во јавноста, како и дека обвинителите се потпираат на незаконски добиени признанија.

XS
SM
MD
LG