Авганистанската полиција соопшти дека од патна мина загинале 12 лица, а биле повредени 30-тина лица во градот Херат во западниот дел на земјата. Бомбата, скриена во канта за отпад, била детонирана со далечински управувач во време кога по преполна улица минувал полициски конвој.
Портпарол на Талебан рече дека цел на нападот бил полицискиот командир од соседната област Инџил, кој е сериозно повреден. Меѓу жртвите има двајца полицајци, една жена и девојче.
Милитантите од Талебан зачестија со нападите ширум Авганистан во време кога земјата се подготвува за претседателските и локални избори на 20-ти август.
Новиот генерален секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен во понеделникот кажа дека на НАТО му треба поголема меѓународна помош за да спречи земјата „повторно да стане голема централна станица на меѓународен тероризам“. НАТО ќе го стори своето, но не може сам, рече Расмусен, повикувајќи на меѓународен, тимски напор, како и поголема поддршка од самите Авганистанци.