Новиот генерален секретар на НАТО вели дека ќе го започне мандатот со обид да развие “вистинско стратешко партнерство со Русија“. Поранешниот дански премиер Андерс Фог Расмусен, кој ја презеде функцијата саботата, ова го изјави понеделникот на прес-конференција во Брисел.
Сојузот ќе се обиде да ја прошири практичната соработка со Русија во клучни области, како контратероризмот, Авганистан, борбата против пиратството и ширењето на нуклеарното оружје, најави Расмусен. Тој се заложи и дека ќе изврши притисок врз Русија да го почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на своите соседи.
Односите НАТО-Русија се затегнаа по минатогодишниот руско-грузиски судир, како и поради руското жестоко противење на членството на Грузија и Украина во НАТО. Згора на тоа, во јануари дојде до нова напнатост во европско-руските односи, кога спорот меѓу Русија и Украина околу исплатата на пратките природен гас доведе до кус прекин на доставата на гас за Западна Европа.
Расмусен уважи дека постојат „фундаментални“ области на несогласување со Русија, но додаде дека НАТО не може “да дозволи областите на несогласување да ги затрујат севкупните оноси“.
Во однос на Авганистан, Расмусен оцени дека на НАТО му треба поголема меѓународна помош за да спречи земјата повторно да стане “голема централна станица“ на меѓународен тероризам“. НАТО ќе го стори своето, но не може сам, рече Расмусен, повикувајќи на меѓународен, тимски напор, како и поголема поддршка од самите Авганистанци.
Новиот генерален секретар рече дека е целосно посветен на градењето солидни односи со медитеранските земји, како и поширокиот Блиски Исток, во рамки на Иницијативата Истанбулска соработка. Тој ќе бара заедничка основа со овие земји за спречување на ширењето на нуклеарно оружје и антитерористички иницијативи, а ќе инсистира и на дијалог за опасноста од земјите со пропаднати режими.
Според Расмусен, НАТО има „јасна цел“ во однос на Косово: „До крајот на мандатот, сакам КФОР да биде намалена само на сила за брзи реакции, или пак целосно да се укине“. Но, тој порача да не се брза, коментирајќи дека „не треба да се препнеме толку близу до целната линија“. Расмусен верува дека условите во блиска иднина ќе бидат поволни за успешно „пензионирање“ на КФОР.
За Балканот, како и за евро-атланстаката заедница пошироко, останува принципот на отворени врати на НАТО, порача новиот прв човек на НАТО.
“Членството не е право – земјите мора да бидат подготвени, Но, проширувањето на НАТО веќе ја покажа својата моќ да шири стабилност и промовира реформи. Очекувам дека тоа ќе продолжи и за време на мојот мандат“, кажа Расмусен.