Линкови за пристапност

САД бараат нов затвор за лицата од Гвантанамо


Американски официјални лица велат дека владата на претседателот Барак Обама размислува за префрлање на осомничените терористи, од армиската база Гванатанамо на Куба, во затвор во САД што воедно би имал простории за армиски и граѓански судски процеси против овие лица.

Со ваквиот комплекс, што би бил со највисоко ниво на обезбедување, би управувале владините Оддели за одбрана, правда и домашна безбедност. Секој од нив би бил задолжен за одделна група притвореници.

Владини претставници велат дека комплексот затвор-судница е само една од варијантите што ги разгледува владата согласно планот на Обама да го затвори притворниот центар Гвантанамо до јануари наредната година. Во него би се држеле и лица на неограничен притвор, како и оние кои ќе бидат ослободени, но кои не сака да ги прифати ниту една држава, велат владини лица.

САД во моментов бараат држави кои би прифатиле, според проценките, 50 притвореници од Гванатанамо на кои властите решија да не им судат. Во Гванатанамо се наоѓаат околу 230 лица. Притворниот центар беше мета на жестоки критики, и во САД, и во странство, откако претседателот Буш го основа по терористичките напади на 11-ти септември 2001-ва.

Но, затворањето на Гвантанамо предизвика и загриженост. Нешто порано годинава, Конгресот го отфрли барањето на Обама за 80 милиони долари за да започне со процесот на затворање. Конгресни претставници побараа владата да даде повеќе детали за тоа што планира да стори со притворениците. Опозиционите републиканци во Конгресот се против тие да се донесат во САД.

Според медиумски извори, потенцијални локации за новиот затвор-судница се армиски завор во Форт Левенворт, сојузната држава Канзас, како и строго обезбеден затвор во сојузната држава Мичиген.

XS
SM
MD
LG