Додека од болеста веќе починаа 800 лица, од СЗО предупредуваат дека доколку наскоро не се изработи вакцина, можно е да има дополнителни смртни случаи.
На вирусот Ха-1-Ен-1 на свинскиот грип му беше потребно помалку од два месеца да се прошири, додека други пандемии вообичаено се шират за шест или повеќе месеци.
Сепак, д-р Кеиџи Фукуда од Светската здравствена организација предупредува дека глобалното избивање на болеста и натаму е во рана фаза.
Повеќето од пациентите со симптоми на свински грип се тинејџери, на возраст меѓу 12 и 17 години. Сепак вирусот почнува да се шири подлабоко во рамки на заедниците и СЗО вели дека просечната возраст на пациентите се чини дека станува нешто постара.
Додека младите луѓе и бремените жени и натаму се изложени на голем ризик да се заразат, здравствените работници предупредуваат дека и пациентите со кардиоваскуларни болести, респираторни болести, лицата болни од дијабетис, рак и оние со прекумерна тежина, се исто така подложни на свинскиот грип.
Во тек се одредени клинички тестирања за потенцијални вакцини, а други ќе отпочнат наскоро.
Европската агенција за медицина вели дека бројни клинички тестирања ќе бидат заобиколени, се` со цел вакцините да бидат достапни до јавноста што е можно поскоро.
Надлежните во Британија, Грција, Франција и Шведска соопштија дека за неколку недели ќе отпочнат со вакцинација на населението.
Д-р Фукуда од СЗО не ја критикуваше оваа одлука, но изрази загриженост од избрзување од изработка на вакцините против оваа болест, поради опасност од контраиндикации и алергиски реакции.