Бурмански суд го одложи донесувањето на пресуда во процесот против опозиционата водачка Ан Сан Су Чи до 11-ти август.
Нејзиниот адвокат по распитот во петокот рече дека судиите објавиле дека им треба повеќе време да разгледаат неименуван „правен проблем“ во случајот. Одбраната тврди дека Су Чи е обвинета според закони од застарен Устав од 1974-та.
Во петокот, додека се чекаше пресудата, владееја засилени мерки на безбедност пред озлогласениот затвор Инсеј, во близина на градот Рангун. Бурманските власти ги предупредија поддржувачите на Су Чи да не одржуваат собири во време кога расте напнатоста околу судскиот процес што доби меѓународна осуда.
САД во четвртокот повикаа на итно и безусловно ослободување на истакната поборничка за демократија и 2.100 други политички затвореници. Во судската сала требаше да биде присутен претставник на Американската амбасада во моментот на изрекување на пресудата против Су Чи.