Линкови за пристапност

Расте бројот на бездомни семејства во САД


Највидливите од сите бездомници се сами мажи и жени кои одбиваат да одат во засолништа. Деновите ги минуваат во јавните паркови или на улица.

Самохраната мајка Моника Вокер ги зема децата од училиште во Вашингтон. Ова семејство е едно од многуте овде што немаат дом.

Моника Вокер со четирите деца се бездомни веќе две години.

Во 2007, Моника ја загубила работата и станот заради зависност од дрога.

Сега се обидува да си го среди животот. Живее во еден од транзициските апартмани на групата „Заедница за надеж“.

„Знам дека е привремено“, вели таа, „но сега имам каде да одам. Можам да им кажам на децата – одиме дома“, вели таа.

Локалната непрофитна организација и помогнала на Моника и со третман за зависноста. Наскоро, нејзиното семејство ќе се пресели во трисобен стан во Вашингтон.

„Кога живеете во засолниште, никогаш немате пари, живеете од ден во ден. Оваа програма ви помага да станете независни и да заштедите нешто“, вели таа.

Кели Свини МекШејн е директор на организацијата. Таа вели дека имаат 200-300 семејства кои чекаат на транзициско сместување. Но вистинското решение е тие да имаат траен дом.

До таму, патот е долг. Мајкл О Рурк е раководител на засолниште за бездомници во Арлингтон, населба во близина на Вашингтон. Вели дека видел 25 отсто зголемување на бездомни семејства и веќе нема место за нови. Тие даваат сместување, но имаат и курсеви за жителите што ќе ги оспособат за живот и работа, ќе им дадат неопходни вештини за осамостојување.

Работата на оние што им помагаат на бездомните добива посебен поттик од успешните приказни. Дона Метус е една од нив. Таа со синот живее во двособен стан со намалена кирија. Во септември ќе почне училиште за планирање настани. Вели никогаш веќе нема да биде бездомна.

XS
SM
MD
LG