Линкови за пристапност

Судска наредба за ослободување на млад затвореник од Гвантанамо


Американски судија нареди ослободување на млад затвореник од притворниот центар во Заливот Гвантанамо на Куба. Окружната судијка Елен Хувел во Вашингтон нареди владата да поднесе отчет до 24-ти август, како и дека се надева дека Мухамед Џавад дотогаш веќе ќе биде на пат дома за Авганистан.

Американски официјални лица расправаат за тоа дали на Џавад да му се суди во САД, или да биде испратен во Авганистан. Тој бил уапсен во Авганистан во 2002-ра година, под обвинение дека фрлил граната и повредил двајца американски војници и нивниот преведувач. Џавад подоцна потпаднал под американска надлежност и бил префрлен во Гвантанамо.

Иако администрацијата на претседателот Обама вели дека е подготвена да го ослободи Џавад, владини адвокати наведоа дека и натаму водат истрага за тоа дали е можно да биде поведена кривична постапка против него. Федерални обвинители соопштија дека Џавад повеќе нема да се се држи како воен затвореник. Воен судија, пак, нареди да бидат отфрлени исказите на Џавад, бидејќи биле добиени преку тортура додека бил во надлежност на авганистанските власти. Адвокатите на Џавад велат дека тој бил на 12-годишна возраст кога бил уапсен, додека Пентагон, судејќи според лекарските тестови, смета дека имал околу 17 години.

XS
SM
MD
LG