Линкови за пристапност

Стручњаци за Законот за финансирање на политичките партии во Македонија


Неделава, Собранието на Република Македонија без ниту еден глас против го усвои Законот за финансирање на политички партии. Ова е прв од пакетот закони кои еврокомесарот Оли Рен повика да бидат донесени, со цел ЕК наесен да може да препорача почеток на преговорите за членство во ЕУ.

На оваа експресна постапка по барањето на ЕК реагираа стручњаците кои тврдат дека донесувањето на законот набрзина во предложената форма, во реалноста нема да ги донесе ефектите што ги бара ЕУ.Законот не предвидува санкции што се соодветни на последиците што произлегуваат од кршењето на одредбите, тврди универзитетскиот професор Борче Давитковски.

„Во поглед на финансирање на политичките партии, се` уште немаме ниту еден позитивен исчекор. Тие ќе сакаат да видат дали некој некој ќе одговара, и на кој начин, за финансиски малверзации, иако ние законот формално-правно ќе го стокмиме“, вели Давитковски.

Една од санкциите што би требало да ја содржи овој закон согласно европските искуства е партијата која прави прекршок по оваа основа да се соочи со губење на мандати во Собранието.

„Ако јас како политичка партија знам, влегувам во кампања, имам `црни` пари, не можам да докажам од каде ми се парите, а знам од друга страна дека ќе ги изгубам мандатите, сигурно е дека ќе морам за започнам да постапувам на чесен начин. А, кај нас одиме обратно“, коментира Давитковски.

Потребата од овој закон произлегува од оценката дека начинот на кој се финасираа политичките партии во Македонија е еден од клучните генаратори на корупцијата.На оваа тема повеќе години истражуваше новинарката на неделникот Фокус, Јадранка Костова.

„Парите на партиите, за сите партии говорам, им стигаат `на црно`, тоа се `црни` пари, а потоа се `легализираат`, со тоа што ќе ставиме, на пример, дека некој ги `донирал`, вели Костова.

Во септември се очекува извештај на телата на Советот на Европа за квалитетот на новодонесениот закон.Стручњаците предупредуваат дека таа оценка веројатно ќе биде негативна, по што законот би требало да претрпи измени.

XS
SM
MD
LG