Линкови за пристапност

Илјадници во Иран на два собира, и покрај забраната


Сведоци во Иран тврдат дека илјадници демонстранти одржале два собира, и покрај владината забрана за таков вид на настани. Според искази на очевидци, најмалку 2.000 лица се собрале на молитва на отворено на локацијата Гранд Мосала во Техеран, во знак на сеќавање на загинатите во насилството по оспорените претседателски избори на 12-ти јуни. Полицијата се појавила веднаш кога се насобрала толпата. Поразените ирански претседателски кандидати Мир Хусеин Мусави и Мехди Каруби побараа да одржат комеморација на оваа локација за да се одбележат 40 дена од крвавата акција против уличните протести. Властите го одбија барањето.

Претходно, илјадници се собраа на гробиштата Бехешти Захра, на помен за убиените во немирите. Мусави и Каруби одвоено учествуваа на собирот. Сведови тврдат дека полиција го обиколила Мусави и го присилила да се врати во својот автомобил и да ги напушти гробиштата, додека насобраните извикувале слогани во знак на негова поддршка и одбиле да се одвојат од возилото.

Сведоците тврдат и дека полицијата со извадени палки привела неколку лица кои учествувале на поменот.

Гробиштата требаше да ги посети и мајката на Иранката Неда Ага-Солтан. Девојката стана симбол на реформските протести откако на Интернет се појави снимка на која се гледа како таа умира, застрелана за време на протестите по изборите.

Според иранските законодавци, во немирите по изборите загинале 30 лица.

XS
SM
MD
LG