Линкови за пристапност

Обама на пиво со професор и полицаец


Обама ги покани истакнатиот научен соработник, професорот на Универзитетот Харвард Хенри Луис Гејтс и наредникот Џејмс Кроли од полицискиот оддел во Кембриџ, сојузната држава Масачусетс, на пиво во Белата куќа. Овие две лица се во центарот на расна контроверза што деновиве доминира на американските медиуми.

Гејтс, кој е црнец, беше уапсен во неговиот дом во близина на Универзитетот Харвард на 16-ти јули откако тој и неговиот возач биле забележани како се обидуваат сосила да ја отворат влезната врата, бидејќи Гејтс ги заборавил клучевите во куќата. Полицијата реагирала на повик од еден од соседите дека две лица навидум се обидуваат да пробијат во домот. Наредникот Кроли, инаку белец, го привел Гејтс откако, според полицијата, професорот станал вербално агресивен и не сакал да соработува. Гејтс бил уапсен под обвинение за насилничко однесување, но обвинението подоцна беше повлечено.

На прес-конференција на 22-ри јули, Обама истакна дека полицијата реагирала „глупаво“ за време на инцидентот. Претседателот подоцна се обиде да ја смири растечката контроверза околу апсењето и кажа дека можеби повнимателно требало да ги избере своите зборови. Обама подоцна по телефон разговораше со Кроули и кажа дека тој е „извонреден полицаец“ и „добар човек“.

Гејтс, чија специјалност е афро-американска историја, култура и литература, тврди дека во случајот бил жртва на расно профилирање. Кроули, пак, инсистира дека ги следел процедурите на работата.

XS
SM
MD
LG