Стручњаците за рак на Светската здравствена организација (СЗО) ги категоризираа апаратите за сончање и изворите на ултравиолетова радијација со највисок ризик да го предизвикаат заболувањето, во иста група со цигарите, азбестот и арсеникот.
Истражувањето на Меѓународната агенција за истражување на ракот на оваа тема е објавено во најновото издание на медицинскиот журнал „Лансет онколоџи“.
Научниците со години претпоставуваа дека апаратите за сончање носат ризик од рак, но сега наведуваат дека резултатите од 20 одвоени истражувања ги потврдиле претпоставките. Употребата на лампи за потемнување на тенот пред 30-годишна возраст за 75 проценти го зголемува ризикот од меланом – најсмртоносниот вид на рак на кожата, тврдат научниците.
Трговската организација „Санбед асосиејшен“, пак, поврзана со производителите на апарати за сончање, тврди дека не е докажано дека постои врска меѓу ракот на кожата и -како што наведува - совесната употреба на апаратите.