Линкови за пристапност

САД можеби ќе го забрзаат повлекувањето на војници од Ирак


Американскиот секретар за одбрана Роберт Гејтс на вториот ден од посетата на Ирак кажа дека постои можност САД да го забрзаат повлекувањето на своите војници од земјата. Гејтс рече дека безбедносните услови во земјата се подобруваат. Американската армија треба целосно да се повлече од Ирак до 2011-та, а борбените сили веќе ги напуштија ирачките градови минатиот месец.

На последниот ден од посетата, Гејтс се сретна со претседателот на автономниот курдски регион во Ирак, Масуд Барзани. Средбата се одржа средата во главниот град на регионот, Ирбил. Гејтс се обидува да помогне во премостување на јазот меѓу ирачките етнички Курди и мнозинството Арапи.

Ден претходно, Гејтс во Багдад разговараше со ирачкиот премиер Нури Ал-Малики и министерот за одбрана Абделкадир Мухамед Џасим за улогата на американските сили по повлекувањето од ирачките градови и продажбата на оружје на Ирак.

Првиот човек на Пентагон одржа средба и со главниот американски командант во Ирак, генералот Реј Одиерно. Гејтс кажа дека со Одиерно се убедени дека ирачките сили може да одговорат на обврската да ги обезбедуваат урбаните области, и, на крај, и целата земја, но дека САД се подготвени да помогнат доколку тоа биде побарано од нив.

Гејтс смета дека се` уште треба „да се исполнат важни цели “ во Ирак пред конечното повлекување на американската армија во 2011-та, како што се праведни избори и воспоставување на нова национакна влада.

Ирачкиот министер за одбрана подвлече дека главна задача за неговата земја е да дефинира стратегија за борба против тероризмот. Џасим рече дека на Ирак му се потребни нови американски борбени авиони.

Американските борбени сили се повлекоа од ирачките градови минатиот месец согласно договорот што предвидува американската армија целосно да се повлече од Ирак до крајот на 2011-та.

Насилството во Ирак значително опадна во текот на минатата година, но нападите зачестија пред и по повлекувањето на американските сили од градовите на 30-ти јуни.

XS
SM
MD
LG