Линкови за пристапност

Реакции по извештаите дека личниот лекар на Мајкл Џексон го препишал смртоносниот лек


Рената Неимејер од Холандија, е една од милионите обожаватели на покојната ѕвезда на поп-музиката. Таа вели дека според неа докторот не е виновен за смртта на Џексон, бидејќи било познато дека пејачот не водел здрав живот и тој самиот земал лекови.

Други сметаат дека лекарот треба да ја понесе одговорноста. Керин Роџерс е обожавател на Џексон од Калифорнија. „Мислам дека лекарот треба да оди во затвор, треба да биде осуден“, вели Роџерс.

Филипе Булет од Франција додава: „Земате лекови кога имате одредени проблеми, проблеми со здравјето, болки или заради нешто друго. Веројатно само Мајкл Џексон знаел каков проблем се обидувал да надмине земајќи ги тие лекови“.

Д-р Филип Ламб раководи со Одделот за анестезиологија при Универзитетот Јужна Калифорнија. Тој вели дека ризикот од грешка или несакана реакција со кој било лек е голем, особено доколку пациентот развил отпорност кон одреден лек. Тоа може да води кон зголемување на дозата, а поголема доза може да резултира со контраиндикации.

Веста за прекумерното користење на лекот во јавноста ја објави претставник на агенција за спроведување на законот, и од новинската агенција Асошиетед прес побара да остане анонимен зашто истрагата сеуште е во тек.

На 25-ти јуни, дента кога почина Мајкл Џексон, д-р Конрад Муреј на пејачот му го дал лекот интравенозно, некаде после полноќ, изјави ова лице.

Во канцеларијата на 51-годишниот Муреј е извршена рација, а полицијата соопшти дека лекарот соработува со истрагата и дека тој засега тој се смета за невин.

Лицето додаде дека Џексон го користел лекот „пропофол“ последните две години за полесно да заспие и тоа бил секојдневен ритуал. Лекарот му го давал лекот на Џексон интравенозно, и за планираното време на будење, иглата била отстранувана.

Иако сеуште нема извештаи од токсикологијата, истражителите се водат по теоријата дека лекот „пропофол“ предизвикал за запирање на работата на срцето на Џексон, изјави анонимниот официјален претставник.

Познато е дека овој лек може значително да го забави дишењето и да ја намали работата на срцето, како и крвниот притисок. Поради овој ризик, „пропофол“ се дава само во болнички услови и тоа од обучено лице. Пациентот притоа мора да е под постојан надзор.

Во меѓувреме, адвокатот на д-р Муреј, Едвард Черноф изјави дека неговиот клиент ниту препишал ниту дал „нешто што би можело да го убие Мајкл Џексон“.

Истрагата продолжува.

XS
SM
MD
LG