Американската Сенатска комисија за правосудство го одобри кандидатот на претседателот Барак Обама за испразнетото место во Врховниот суд - судијката Соња Сотомајор. Телото, кое е под контрола на демократите, гласаше за номинацијата на Сотомајор во најголем дел по партиски линии. Нареден на потег е целосниот состав на Сенатот, кој треба да се изјасни наредната недела. Се очекува Сенатот да ја потврди номинацијата на Сотомајор.
Претседавачот на Комисијата Патрик Лихи и неговите сопартијци гласаа во полза на Сотомајор, подвлекувајќи дека таа има поголемо судско искуство на федерално ниво од кој и да е друг кандидат за Врховниот суд во последните 100 години.
Републиканецот Линзи Греам се одвои од сопартијците во Комисијата и гласаше за Сотомајор, велејќи дека таа има добри квалификации за функцијата и дека не претставува голема промена во соодносот на силите во Судот.
Другите републикански членови, меѓу кои и Џеф Сешн`с, гласаа против Сотомајор, велејќи дека нејзините изјави во минатото покажуваат дека веќе има “целосно формирана судска филозофија“ што се одразува на нејзината способност да суди непристрасно. Сесшн`с на распитите за потврдување на функцијата жестоко ја распрашуваше Сотомајор за нејзиниот коментар даден во 2001-ва година, дека „мудра латино-Американка може да донесе подобра одлука отколку маж-белец“.
Доколку биде избрана, 55-годишната Сотомајор ќе биде првото лице од латиноамериканско потекло кое станало судија во Врховниот суд и трета жена-судија во неговата историја. Таа би го заменила судијата Дејвид Саутер, кој неодамна се пензионира.