Линкови за пристапност

Сенатско тело ќе гласа за кандидатурата на Сотомајор за Врховниот суд


Американската Сенатска комисија за правосудство според очекувањата во вторник треба да го одобри кандидатот на претседателот Барак Обама за испразнетото место во Врховниот суд - судијката Соња Сотомајор

Се очекува телото, кое е под контрола на демократите, да ја поддржи номинацијата на Сотомајор во најголем дел по партискиа линија. Двајца републикански членови на Комисијата, Џеф Сешнс и Чарлс Грасли, во понеделникот најавија дека ќе гласаат против Сотомајор.

Сешнс смета дека оваа искусна судијка „нема да биде во можност да го издржи примамливиот повик на судискиот активизам“. Тој претходно на распитите жестоко ја прашуваше Сотомајор за нејзиниот коментар даден во 2001-ва година, дека „мудра латино-Американка може да донесе подобра одлука отколку маж-белец“.

Грејсли не верува дека Сотомајор ги разбира правата на Американците согласно Уставот, особено во однос на оружјето и сопственоста.

Но, републиканецот Линзи Греам, кој исто така членува во Комисијата, најави дека ќе гласа за Сотомајор. Демократите имаат мнозинство гласови од 12 наспроти 7 во телото.

Целосниот состав на Сенатот треба да гласа за номинацијата наредната недела. Доколку биде избрана, 55-годишната Сотомајор ќе биде првото лице од латиноамериканско потекло кое станало судија во Врховниот суд и трета жена-судија во неговата историја. Таа би го заменила судијата Дејвид Саутер, кој неодамна се пензионира.

XS
SM
MD
LG