Линкови за пристапност

Гејтс во ненајавена посета на Ирак


Американскиот секретар за одбрана Роберт Гејтс е во ненајавена посета на Ирак. Тој пристигна во американската команда во местото Талил во вторник. На средбите со ирачките лидери, меѓу кои и премиерот Нури Ал-Малики, Гејтс планира да разговара за променетата улога на американската армија во ирачката безбедност по повлекувањето од градовите, како и за продажбата на оружје за Ирак, за негово снабдување со безбедносна опрема по заминувањето на американските сили.

Се очекува Гејтс да го посети ирачкиот автономен курдски регион, во обид да ги премости разликите меѓу ирачките Курди и мнозинството Арапи. Спорот меѓу нив околу овој регион богат со нафта се закани да прерасне во ново насилство, во исто време кога САД се подготвуваат да ги повлечат своите сили до крајот на 2011-та.

Гејтс е еден од тројцата виши американски претставници кои деновиве се во посета на Блискиот Исток, во рамки на новиот дипломатски притисок на Вашингтон за мир во регионот.

Гејтс пристигна во Ирак од Јордан, каде во понеделникот разговараше со кралот Абдула. Гејтс по средбата го предупреди Иран дека САД ќе извршат притисок за построги санкции доколку официјален Техеран не одговори на понудата на Вашингтон да разговара за иранската нуклеарна програма.

XS
SM
MD
LG