Не е тајна дека Америка се соочува со епидемија на прекумерна
тежина. Дејвид Кеслер е поранешен
директор на американската Администрација за храна и лекови. Седум години тој се обидувал да открие што е
тоа што ги тера Американците да јадат претерано. Заклучил дека не се работи
за недостаток на волја и дека тие не се виновни за тоа што им се случува. Во новообјавената книга „Крај на прекумерната исхрана" Кеслер пишува дека
Американците се всушност зависни од храната.
„Ние повеќе не јадеме кога е време за оброк. Ние правиме оброкот да ни биде на располагање
24 часа во денот, седум дена во неделата. Јадеме во секое време. Општесствено прифатена е навиката да одиме по улица и да јадеме, да јадеме на деловни состаноци. Во суштина храната сме
ја направиле дел од нашата забава", вели Кеслер.
Кеслер разговарал со познати научници и експерти во
индустријата за храна. Тој вели дека при
процесирањето на храната се користат производи и зачини што придонесуваат за
зголемување на желбата за повеќе храна.
„Не станува збор само за маснотиите, шеќерот и
солта, туку се работи за исчекувањето, за најава на храна што доаѓа, сето тоа го
активира мозокот и ја развива желбата за јадење. Ние постојано сме бомбардирани со нешто што упатува на храна. Мозокот е постојано
активиран, возбудени сме, нашето внимание е привлечено и постојано се враќаме на храната", вели Кеслер.
Кеслер прави паралела меѓу индустриите за цигари и
храна. И обете, вели тој, манипулираат
со однесувањето на муштериите за продажба на своите производи, без оглед на тоа
какво влијание ќе имаат тие производи на здравјето на конзументите. Значи, наместо да се задоволи гладта,
индустријата за храна прави такви производи што ќе ги натераат потрошувачите да
јадат повеќе од потребното, повеќе одошто сакаат.
Таквите производи имаат слоеви и слоеви на маснотии,
шеќер и сол. Таквата храна го стимулира мозокот да го ослободи хормонот
допамин, што прави да се чувствуваме добро.
Наскоро, само помислата на таа храна, прави да копнееме за неа. Таквата
постојана стимулација, вели Кеслер, ги урива сите обиди да се изгубат вишокот килограми.
Во книгата „ Крај на прекумерната исхрана", Кеслер предлага
стратегија за ставање крај на зависноста од храна, започнувајќи со осознавањето зошто луѓето имаат неодолива желба за одреден вид на храна.
„Она што треба да направите, е да го намалите
стимулансот, да се заштитите од обидите од активирање на вашиот мозок", смета
Кеслер.
Најдобриот начин да се стори тоа, вели тој, е да се
промени начинот на перцепција на храната.
„Треба да си поставите сопствени правила. Некои луѓе стануваат вегетаријанци. Некои
почнуваат да избегнуваат процесирана храна, некои ги избегнуваат огромните
порции храна. Потребно е повторно да учиме како да јадеме", вели Кеслер.