Линкови за пристапност

Гејтс во ненајавена посета на Ирак


Американскиот секретар за одбрана Роберт Гејтс е во ненајавена посета на Ирак. Гејтс и главниот командант на американските сили во Ирак, генералот Реј Одиерно, во Багдад се сретнаа со ирачкиот премиер Нури Ал-Малики. Тројцата требаше да разговараат за променетата улога на американската армија во ирачката безбедност по повлекувањето од градовите, како и за продажбата на оружје за Ирак, за да се снабди со безбедносна опрема по заминувањето на американските сили.

Ова е прва посета на Гејтс на Ирак откако американските борени сили минатиот месец се повлекоа од ирачките градови, согласно договорот за заминување на американските војници од земјата до крајот на 2011-та. Гејтс кажа дека постои “вистинско чувство на ополномоштеност на Ирачаните“ како и дека е „навистина трогнат“ од случувањата откако американските војници на 30-ти јуни ги предадоа безбедносните обврски во урбаните средини на ирачките сили.

Се очекува Гејтс да го посети ирачкиот автономен курдски регион, во обид да ги премости разликите меѓу ирачките Курди и мнозинството Арапи. Спорот меѓу нив околу овој регион богат со нафта се закани да прерасне во ново насилство, во исто време кога САД се подготвуваат да ги повлечат своите сили до крајот на 2011-та.

Гејтс е еден од тројцата виши американски претставници кои деновиве се во посета на Блискиот Исток, во рамки на новиот дипломатски притисок на Вашингтон за мир во регионот.

Гејтс пристигна во Ирак од Јордан, каде во понеделникот разговараше со кралот Абдула. Гејтс по средбата го предупреди Иран дека САД ќе извршат притисок за построги санкции доколку официјален Техеран не одговори на понудата на Вашингтон да разговара за иранската нуклеарна програма.

XS
SM
MD
LG